Search

Наука

Научно-истражувачки и стручно-апликативни активности

Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е посветен на унапредување на знаењето и поттикнување на иновативноста преку различни форми на научноистражувачки и стручно-апликативни активности, а сѐ со цел да се збогати наставниот процес, но и да се влијае на бизнис опкружувањето и на целокупната економија.

Оваа лепеза на научни активности и ресурси вклучува, но не е ограничена на: академски репозиториум со отворен пристап, покренување и учество во проекти, публикување на академски списанија и лабораторија која располага со опрема за контрола на квалитативните и квантитативните параметри на амбиентниот воздух и за анализа и испитување на морфолошки и хемиски состав на материјали.

Публикации (Академски репозиториум)

Прифаќајќи го концептот на отворен пристап, академскиот кадар на Факултетот за природни и технички науки континуирано ги објавува своите научни и стручни публикации во Универзитетскиот репозиториум. Овие публикации, меѓу другото, вклучуваат академски трудови и истражувања (објавени во домашни и меѓународни списанија и во списанија со импакт фактор), монографии, едукативни ресурси, учебни помагала и сл.

Преку пристапот до овие публикации, нашиот академски кадар не само што ја демонстрира својата посветеност и успешност во научната сфера, туку овозможува и користење на овие ресурси од истражувачите и студентите низ целиот свет, како и од пошироката заедница и бизнис-секторот со што директно влијае во насока на подобрување на техничкото образование, бизнис-практиките и инженерството во целина.

Публикациите на наставниот кадар на Факултетот за природни и технички науки ќе ги најдете на следниот Линк

 

Проекти (Научно-истражувачки и стручно-апликативни)

Факултетот за природни и технички науки, како институција, и наставниот кадар (тимски или поединечно) се активно вклучени во бројни иновативни (домашни и меѓународни) проекти кои помагаат во решавањето на актуелни предизвици во едукацијата, во бизнисот и во економијата. Овие проекти често вклучуваат соработка со бизнис-партнери, учество на студентите, владини и локални институции, како и меѓународни субјекти, со што се нудат напредни теоретски концепти, сознанија базирани на податоци и практични решенија за таргетираните предизвици, со цел да се поттикнат позитивни промени во бизнисот, економските политики и општеството во целина.

Проектите во кои учествува Факултетот за природни и технички науки и наставниот кадар ќе ги најдете на следниот линк

Лабораторија АМБИКОН

Лабораторијата АМБИКОН во рамки на Факултетот за природни и технички науки е современ центар, кој располага со опрема за контрола на квалитативните и квантитативните параметри на амбиентниот воздух во реални услови и реално време, утврдување на нивото на персонална експозиција на одделни штетности, испитување на морфолошки и хемиски состав, квалитативна и квантитативна анализа на елементите и добивање минеролошки состав на различни материјали. Исто така се врши и испитување на општите својства на агрегати, како и петрографски испитувања.

Нејзиното работење е во сервис на студентите и наставниот кадар со цел поттикнување на научноистражувачката работа, од една страна, и од друга страна, сервис за бизнис-секторот и индустриските компании за мониторинг и контрола на квалитетот на атмосферата во работните простории и животната средина.

За повеќе информации за услугите и начинот на работа на лабораторијата АМБИКОН, можете да го посетите следниот Линк

Академски списанија

На Факултетот за природни и технички науки се публикуваат две значајни меѓународни списанија. Првото меѓународно научно списание  „Geologica Macedonica“ излегува од 1984 година и во него се објавуваат научни трудови од области поврзани со науките за Земјата. Ова списание е индексирано во повеќе бази како што се: Scimago, Scopus и Index Copernicus.

Второто меѓународно научно списание „Natural Resources and Technology“ постои од 2007 година и објавува оригинални научни трудови од сите области на рударство, геологија, заштита на животната средина, индустриска логистика, безбедност и здравје при работа и внатрешен и надворешен дизајн. Ова списание е индексирано од престижната база на EBSCO.

Овие академски платформи се наменети за професионалци и истражувачи од целиот свет, со цел да придонесат со иновативна научна работа во оваа област.