Факултетот за природни и технички науки е јавна високообразовна установа (наставно-научна единица) во состав на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, на кој се организираат и изведуваат универзитетски академски студии на прв, втор и трет циклус, вклучувајќи ја научната и високостручната работа во индустријата.
Местоположба
Факултетот за природни и технички науки е сместен во просториите на поранешниот Рударско-геолошки факултет и располага со задоволителен паркинг простор кој е бесплатен. Точната локација на Факултетот е на ул. „Гоце Делчев“ број 89, во простор кој е опкружен со зеленило.
Основање
Факултетот за природни и технички науки е најстарата институција на Универзитетот Гоце Делчев, кој бил формиран во далечната 1977 година под името Рударско-геолошки факултет, а во 2007 година се приклучи на новоформираниот Универзитет Гоце Делчев. Овој факултет е препознатлив и признат како реномирана високообразовна институција и тоа не само во земјава, туку и пошироко.
Детали за организациската поставеност и начинот на функционирање на Факултетот ќе најдете во Статутот на Факултет за природни и технички науки
Факултетот за природни и технички науки денес
Факултетот за природни и технички науки е единствен факултет од областите на рударството и геологијата во земјава, како и една од водечките високообразовни институции во рамки на техничките науки, максимално е посветен на продуцирање висококвалитетен кадар кој ќе биде успешен во имплементирање на инженерското знаење во сè поизразените компетитивни услови и ќе биде способен да се справи со предизвиците што ги нуди современиот развој на општеството и индустријата.
Факултетот нуди студиски програми за додипломски, постдипломски и докторски студии од повеќе области во рударството, геологијата, инженерството на животната и работната средина, дизајн на ентериер и мебел и сл.
Зошто Факултет за природни и технички науки?
Факултетот за природни и технички науки во фокусот ги става студентите и нивните потреби, поради што се градат и одржуваат партнерства со локални, национални и меѓународни организации и институции, кои обезбедуваат можности за студентите да стекнат практично искуство и изложеност на различни деловни средини. Факултетот ги следи светските трендови и континуирано иновира во поглед на студиските програми на ниво на европските и светските практики, воведува нови наставни методи и техники, со слобода за креативност и изразување на сопствените гледишта на професорите и студентите, во контекст на современите појави и процеси.
Времето поминато на Факултетот за природни и технички науки е исполнето со бројни можности за градење на вашето образование и кариера – инспиративни, предизвикувачки, едукативни, научни. Посветени сме и секогаш подготвени да ви помогнеме да стигнете до оваа цел, затоа што нашиот постигнат успех и професионалност ги гледаме првенствено преку вашиот успех.