Единаесеттото издание на Стручно-научното советување од областа на подземната и површинската експлоатација на минерални суровини „Подекс повекс 2018“ со интересот на учесниците, како претставници на рударскиот сектор, рударски и геолошки инженери, претставници на високото образование, пред сѐ од Универзитетот „Гоце Делчев“, така и од бизнис секторот, го потврди своето високо реноме стекнато во изминатите години. Хотелот „Дрим“ во Струга беше место каде што од 9 до 11 ноември 2018 година се собраа релевантни претставници на рударско-геолошкиот сектор од Р. Македонија, но и од Р. Бугарија, Р. Србија и други држави. Организатори и на ова 11-то издание беа Здружението на рударски и геолошки инженери на Македонија и УГД преку Факултетот за природни и технички науки. Според претседателот на Организациониот одбор, проф. д-р Благој Голомеов, денес „Подекс повекс“ е етаблирано како респектабилно советување од меѓународен карактер, за што најдобар доказ се пристигнатите трудови и учеството на колеги од Франција, Полска, Чешка, Ирска, Словенија, Бугарија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина...

- Основна мисија и цел на ова советување е преку размена на искуства и трансфер на знаења континуирано да ја унапредуваме струката, воспоставувајќи нови, повисоки стандарди во духот на времето во кое живееме и работиме, и предизвиците со кои се соочуваме. Меѓу другото, овде пред сѐ мислам на интензивниот пораст на свеста за потребата од чиста и здрава животна средина, која од ден на ден се преточува во сѐ построга законска регулатива, која секој сериозен инвеститор и сите ние како струка мора да ја почитуваме. Рударството, барем во Р. Македонија, е најрегулираната индустриска гранка, која е под постојан надзор на инспекциските органи. Неинформираноста и дезинформациите неоправдано создаваат негативен став кон рударството од страна на граѓанските здруженија за заштита на животната средина кои потоа го пренесуваат на пошироката заедница. Ова е тренд не само кај нас, туку и многу пошироко во Европа и во светот. Од друга страна, нашиот модерен начин на живеење почива на сѐ поголема потреба од минерални суровини. Потребата од истите рапидно расте од ден на ден. Поради ова, неопходно е да се сфати дека борбата за здрава животна средина не е ничие ексклузивно право. Само работејќи заедно како струка, граѓански здруженија и државни органи можеме да обезбедиме и одржлив економски развој и здрава животна средина – изјави проф. д-р Голомеов, кој истакна и дека отворањето на нови рудници во Македонија, која како и другите балкански држави е богата со рудни материјали, се разбира со почитување на европските стандарди за заштита на животната средина, може да биде и е локомотива во економскиот развој, може да биде фактор во зголемувањето на бруто домашниот производ.

На „Подекс повекс 2018“ пристигнаа 37 труда од шест земји во регионот, а  присутни беа и претставници на сите позначајни комерцијални фирми од рударскиот сектор, кои егзистираат во државата и во регионот. Со нивните штандови и видеопрезентации на кои беше посветено поголемо внимание при оформувањето на програмата на советувањето, размената на искуства се надополнува со најновите трендови во производството на рударска опрема и развојот на нови технологии.

На свеченото отворање на „Подекс повекс 2018“ се обрати ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев:

- Оваа пригода би сакал да ја искористам за една друга цел, можеби малку далечна, но за најголемиот дел од колегите кои сега студираат и за оние кои допрва ќе се запишат на универзитетите во државава и низ Европа од областа на рударството и геологијата сепак многу блиска иднина. Мислам дека многу важно во овој момент е да претставам мои видувања што ќе се случи во иднината со оваа наша професија која во овој момент трпи исклучително големи притисоци од она што е општествена заедница, невладин сектор, она што е заштита на животната средина и сѐ што влијае во поглед на зачувувањето на оваа планета во оние нормални услови за живеење. Ние како професија немаме двојбеност во тоа дека првенствено е правото на живот на граѓаните и тука нема што да се избира во поглед на индустријата или правото на живот, сигурно правото на живот е првенствено во поглед на она што треба да се прави. Сировините се важни во развојот на  кое било општество. Она што доаѓа во иднината не може да се замисли без сировините, а тие на планетата Земја се ограничени во димензиите од една страна, а од друга страна прават исклучителен импакт во животната средина., Сакале да признаеме или не, прават импакт кој во крајна консеквентна линија доведува до промена во климата, глобалните промени во циклусите на еволуцијата на планетата и во секој случај го забрзува нашето битисување на планетата. Нашата иднина се наоѓа во вселената. Тоа е вселенското рударство. Најголемите извори на ресурси се наоѓаат токму во вселената, во метеоритските појаси помеѓу планетите. Денеска се формираат огромен број на компании кои вложуваат во оваа нова технологија и затоа нашите образовни програми кои сега треба да ги направиме треба да изучуваат повеќе астрономија, повеќе знаења за метеоритите, од информатиката, вселенските патувања, она што значи иднина за нашата професија. Ова што сега го зборуваме и работиме ќе заврши со нас, или некои генерации по нас, генерациите кои доаѓаат ќе собираат материјал од вселената. Компании кои сега се формираат во Луксембург и Руската Федерација вложуваат огромни средства во истражување на овие ресурси. Генерациите кои доаѓаат нема да прават рударство на Земјата, туку на планетите кои ни се блиски, и нашата планета во тој случај ќе биде заштитена и зачувана за идните генерации. Мора да ги смениме нашите образовни курикулуми и да ги приспособиме на оваа иднина која доаѓа – изјави проф. д-р Блажо Боев.

На свеченото обраќање се обратија и претседателот на Македонската асоцијација за рударство и заменик-генерален директор на рудникот „Бучим“, како и претседателот на Здружението на рударски и геолошки инженери на Македонија, Горан Сарафимов.

- Работевме напорно овој период, започнавме од март, заедно со професорите на ФПТН и ним им благодарам за помошта. Задоволен сум што имаме толкав број на трудови од повеќе земји и секоја година бројот на учесници е сѐ поголем, што покажува дека ова Стручно советување од година во година расте и го зголемува своето реноме – истакна Горан Сарафимов,  претседател на Здружението на рударски и геолошки инженери на Македонија.

- Ние во минатиот период бевме прогласени за рудници на смртта, но мислам дека сепак ние претставуваме рудници на животот. Ние сме соочени со агресивни и нелогични напади врз рударскиот сектор, но мсилам дека вистината ќе победи. Професорот Голомеов убаво кажа дека рударството е многу регулирана гранка, и тоа регулирана од сите аспекти, со закони за заштита на животна средина и закони за безбедност при работа. Никогаш не сме застапувале мислење дека треба да отвораме рудници кои ќе ја загрозуваат животната средина, туку напротив, од петни жили се залагаме во средините во кои работиме да имаме одржлив и економски и еколошки развој. Ректорот го спомна образованието, јас ги поздравувам авторите на трудовите, бројката е респектабилна, и јас сметам дека младите луѓе треба што повеќе да го користат перото и да пишуваат. Ние мораме да упатиме порака, но и да си земеме задача да го вратиме авторитетот на рударството, но и да го направиме пристапно до младите. Тука голема улога игра и Факултетот за природни и технички науки и треба и тој да ги издржи овие напади врз рударската професија, ќе ни требаат квалитетни образовани профили и со високо и со средно образование – истакна Николајчо Николов.

На спонзорите кои го помогнаа одржувањето на 11. издание на „Подекс повекс“ им беа доделени признанија и плакети. Во холот на хотелот „Дрим“, компаниите од областа на рударството и геологијата ги презентираа своите најнови технолошки иновации како од рударството и геологијата, така и од заштитата и безбедноста при работа.

 

Технички секретар

Ана Петровска
Тел: +389 32 550 550
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Адреса:  ул. „Гоце Делчев“ бр.89
Пош. фах 201, Штип - 2000, Р.Македонија

Секретар

Нада Донева
Тел: +389 32 550 593
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Студентски прашања

Штип
Сања Ристова
Тел: +389 32 550 083
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

 

Студентски прашања

Кавадарци
Зорица Ѓорѓиева
Телефон: +389 32 550 253
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.