Факултетот за природни и технички науки е наследник на поранешниот Рударско-геолошки факултет, основан далечната 1977 година.
Овој факултет претставува единствена научно-образовна институција во нашата земја, од која произлегуваат дипломирани рударски и геолошки инженери. Овие кадри работат и се носители на многу одговорни функции во рудници, проектантски фирми, градежни фирми, институти како во нашата земја, така и надвор од неа. Рударската индустрија е двигател на економскиот развој, бидејќи од неа добиваме метални и неметални суровини кои се неопходни во човековото живеење, како директна употреба, така и нивна примена во многу други индустрии.
Со формирањето на Универзитетот „Гоце Делчев“ во 2007 година, на нашиот факултет се отворија нови студиски програми. Денес на Факултетот за природни и технички науки студираат и се стекнуваат со дипломи идните инженери по: рударство, геологија, инженерство за заштита на животна средина, индустриска логистика, дизајн на ентериер и мебел, пејзажна архитектура, како и професори по предметот географија.
Со цел промоција на нашите дипломирани студенти, како и промоција на факултетот, одлучивме да ги објавиме успешните приказни на дел од нив.