Водите од Дојранско, Тиквешко и Беровско Езеро се класифицираат во класа 4, која се однесува на силно еутрофична, загадена вода, која во природна состојба може да се употребува за други намени само по одредена обработка. Ова го покажува мониторингот на квалитетот на водите од трите езера што оваа година го спроведе Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на кампањата „Разбистри сè“.
Според микробиолошките анализи, во Дојранско Езеро и Тиквешко Eзеро се детектирани колиформни бактерии од фекално потекло, кои ги класифицираат езерата во класи 3 и 4. Микробиолошко загадување од класа 3 значи дека водите може да се употребуваат за наводнување, а по обработка и во индустријата на која не ѝ е потребна вода со квалитет за пиење, додека загадувањето од класа 4 не дозволува оваа вода да се користи за рекреација. На локални фекални загадувања укажуваат и концентрациите на нитритите кои варираат во текот на пролетната и есенската сезона во сите три езера, па има повремена појава на концентрации во класи 3-4. Нитритот е многу токсичен за рибите и целиот жив свет.
Во Беровско Езеро и Тиквешко Езеро на есен значително се зголемуваат концентрациите на вкупниот фосфор и достигнуваат класа 4. Ова укажува на можно загадување на водите во овие езера заради прекумерна употреба на ѓубрива во земјоделството, нетретирани комунални води и испуштања од фарми или пречистителни станици. Во Дојранско Езеро мерливи концентрации на вкупен фосфор не се детектирани.
Кога станува збор за растворени метали во водите, во Дојранско Езеро концентрациите на бакар покажуваат пречекорувања во одредени проби во пролетните и во есенските мерења и се категоризирани во класи 3-4. Во есенските мерења е детектирано пречекорување и кај железото. Во Тиквешко Езеро на есен се јавуваат благо зголемени концентрации на олово и значително зголемени концентрации на кадмиум. Хроничната изложеност на кадмиум може да доведе до големи негативни ефекти врз водните организми и заради тоа треба да се извршат дополнителни истражувања за да утврди изворот на овој токсичен метал.
Мониторингот беше спроведен од април до ноември оваа година за да се утврди квалитетот на водата во Дојранско, Тиквешко и Беровско Езеро, кои се користат за различни намени – туризам и рекреација, наводнување и водоснабдување, и тоа во два периода од годината – на пролет кога се полнат со вода и на есен кога нивото на сите езера е на најниско ниво. Водите во овие езера се класифицирани според правилото дека најниската класа определена за одреден показател, како што се микробиолошкото загадување, нутриентите кои се параметри на еутрофикација и кислородниот режим, ја определува генералната класа на водното тело. Според намената и степенот на чистотата на водите, тие се распоредуваат во 5 класи, и тоа: класа 1 – многу чиста, олиготрофична вода, класа 2 – малку загадена, мезотрофична вода, класа 3 – умерено еутрифична вода, класа 4 – силно еутрофична, загадена вода и класа 5 – многу загадена, хипертрофична вода. Мониторингот и хемиските анализи ги изврши Лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“, а микробиолошките анализи беа направени во Центарот за јавно здравје – Штип.