Факултетот за природни и технички науки при УГД денес одбележа 45 години од своето основање. На прославата присуствуваа бројни професори, декани, ректори, бизнисмени и останати соработници кои дале особен придонес во развојот на институцијата во изминатиот период.
- Славиме еден јубилеј кој во рамките овој регион е многу значаен. Во далечната 1977 година првпат се отвори една техничка дисциплина која ги тангираше проблемите од рударството и геологијата. Знаеме дека овој дел од државата е познат по истражувања во рамките на земјините науки. Сега функционираме во малку изменет состав, со многу нови студиски програми и многу нов кадар. Бројките покажуваат дека имаме над 5000 студенти кои поминале низ нашите клупи - изјави деканот на ФПТН, проф. д-р Ѓорѓи Димов.
Во текот на 45 години, како се менувале околностите се менувал и овој факултет. До 2007 година овој факултет бил во рамките на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, како Рударско-геолошки факултет, а со основањето на Универзитет „Гоце Делчев“ преоѓа во редовите на штипскиот универзитет.
- ФПТН или некогашниот Рударско-геолошки факултет е најстарата членка на овој Универзитет и како таков има должност и покажува дека Универзитетот заедно со Факултетот се развиваат во добар правец. Ова е место од кое излегле многу врвни научници и професионалци. Драго ми е што и јас сум дел од овој факултет и што имав можност да учам од врвни професори - изјави на прославата ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.
Одбележувањето се одржа во Кампус 2 на Универзитет „Гоце Делчев“, а беа презентирани и голем број достигнувања на Факултетот и на професорите.
- Без рударство нема ништо. Можеби сме ставени во некоја сива зона во последните неколку години, но верувајте без примена на рударство не може да функционира ништо. Денес нема ни зелени технологии без рударство. Еве ветерниците имаат меѓу 5 и 6 тони бакар, еден електричен автомобил има меѓу 500 и 600 килограми бакар - истакна деканот Димов.