Факултетот за природни и технички науки при Универзитет „Гоце Делчев” во Штип, под покровителство на партнерот i-SeMe од Словенија, стана таск партнер на европскиот проект RIS-Briefcase или актовка на минералите (http://briefcase.eitrawmaterials.eu/), за периодот 2023-2029 година. Проектот е кофинансиран од EIT RawMaterials.
Овој конкретен проект има за цел да го премости јазот помеѓу минералите, рударството и општеството. Само да си замислиме свет во кој сите го знаат потеклото на минералите кои имаат примена во секојдневието и нивното влијание врз нациите богати со ресурси.
Методот на актовка на минералите има за цел да го трансформира образованието, овозможувајќи им на студентите, учениците и заинтересираните да идентификуваат минерали и да размислуваат за етичките корпоративни практики на примена на тие минерали. Ваквиот пристап има за цел повеќе од учење. На овој начин се очекува постигнување на подобрување на перцепциите за одржливо рударство со интензивно вклучен момент на социјална одговорност. Исто така, една од целите е и преку овој проект да се разгори желба и страст за кариери во областа на минералните суровини и негување на еко-совесно однесување преку организирање на интерактивни работилници.
Една од алатките генерирани во рамките на проектот е и онлајн играта за минералите (https://www.thebriefcasegame.eu/) која може да се игра и на македонски јазик.