Меѓународна школа за рударство и геологија во Дубровник: Иновации во преработката на руди
Оваа година од 16 до 18 октомври 2024 година во Дубровник ќе се организира Работилница наречена „Иновации во преработката на рудите“ (https://dim-esee.eu/ ). Во рамките на Работилницата ќе бидат презентирани најдобрите примери од практиката поврзани со преработката на минералните суровини. Имено, овој тридневен курс организиран во хибридна форма ќе се фокусира на технолошките иновации применети во преработката на примарните и секундарните суровини, како и на еколошките и економските аспекти на овие процесни шеми преку интегриран пристап. Курсот ќе вклучува предавања од академски кадар и индустриски експерти заедно со практично учење за предизвиците со кои се соочува секторот на минерални суровини при преработката на руда и отпадните материјали, а се во склоп на одржливо искористување на содржаните минерални компоненти.
Посетителите на школата ќе работат во тимови за да се справат со предизвиците поставени од предавачите/менторите со цел да ги развијат своите вештини за критичко размислување и да преземат активна улога при учењето.
Темите ќе бидат организирани по следниот распоред:
Ден 1. Иновации во преработката на примарни и секундарни суровини: Критични и стратешки суровини во регионот на ЕСЕЕ | Преработка на руда за производство на пазарни концентрати | Металуршка обработка за основни метали и критични минерални суровини, како и искористување од секундарни суровини | Презентација на предизвици.
Ден 2. Оцена на влијанието врз животната средина при активностите за обработка на рудите и системите за управување со животната средина: Оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС), Законодавство/Регулативи | Регулативи и системи за управување со отпад | Системи за управување со животната средина |Проценка на животниот циклус, LCA.
Ден 3. Економска проценка на инвестициите: Физибилити студии | Инвестиции во циркуларната економија | Презентација на проекти на специјализантите за предизвиците.
Носител на проектот е Универзитетот во Загреб, Факултет за рударство, геологија и нафта, а проектниот конзорциум се состои од 13 други партнери од регионот на ЕСЕЕ (универзитети од Украина, Северна Македонија, Албанија, Австрија, Грција, Србија, Словачка, Белгија, Бугарија, Унгарија и Босна и Херцеговина и истражувачки институти од Црна Гора и од Словенија). Проектот ќе придонесе за зајакнување на иновативните капацитети во секторот за минерални суровини на ниво на универзитети, истражувачки организации и индустријата за минерални суровини.
Проектот DIM ESEE 2 е финансиран од заедницата на знаење и иновации EIT RawMaterials, преку проект број 20080. Имплементацијата на проектот се одвива во периодот од 1 јануари 2021 година до 31 декември 2024 година, а се базира на успесите на претходната Меѓународна школа за рударство во Дубровник (2016-2020).
Во подготвителната фаза беше спроведена опсежна студија за високообразовниот систем во областа на ЕСЕЕ, врз основа на која беше констатирано дека нивото на иновативност во секторот минерални суровини е многу ниско. Ова е поддржано од фактот на мал број курсеви за доживотно учење за професионалци во секторот за минерални суровини во Источна и Југоисточна Европа (регионот на ЕСЕЕ). Наставната програма на високообразовниот систем, која пропишува само задолжително, законски регулирано образование поврзано со безбедноста, работа во експлозивни средини и слично, не е доволна и не е во чекор со развојните трендови и не се натпреварува со иновативни и напредни алатки за учење и методологии.
Планирано е за време на DIM ESEE v.2 (2021 - 2024) повеќе од 120 експерти да добијат дополнителна едукација со посетување на иновативни тематски работилници, секоја година, во период на траење од 3 дена. Во 2021, 2022 и 2023 година беа организирани работилници за професионалци на темите:
- Иновации во геолошките истражувања (Иновации во истражувањето);
- Иновации во карактеризација на рудни тела ориентирани кон процесирањето и
- Иновации во екстракцијата на рудите.